Не стивнуваат реакциите по изјавата на Самарас во Стразбур
Грчката влада ги оценува како непримерни жестоките реакции на македонската јавност за изјавата на Самарас поврзана со македонскиот јазик. За партијата Виножито ова е доказ дека Атина го признава постоњето на Македонците и дека се плаши од нив. Со реакција се огласи и македонското МНР.

Најмалку е добро да се поттикнува нетолерантност кон разликите преку манипулирачки изјави за непризнавање на посебноста на државата, етникумите, јазиците и идентитетот. Ова е официјалната реакција од македонското МНР на изјавата и коментарите на грчкиот премиер Самарас за непостоењето на македонскиот јазик.
Напротив, стои натаму во реакцијата, македонскиот јазик е реалност, официјално признаваат дури и во Атина пред и меѓу светските војни.
Претходно, портпаролот на грчката влада ги коментираше реакциите во Македонија поврзани со ставот на Самарас дека не постои македонски јазик.
„Изјавите се екстремно несоодветни со историјата, неприфатливи и популистички, и го држат Скопје надвор од Европа и НАТО“, вели Вултепси.
Со овој став грчката држава индиректно потврди дека не само што постои македонски јазик и малцинство туку и дека се плашат од него, оценуваат од партијата на Македонците во Грција, Виножито.
„Кога станува збор за македонското прашање, да ги искористуваме грчките архиви, информации, архивски материјал, изјави од поранешните влади, кои го признаваат и почитуваат македонскиот јазик“, вели Павле Филипов Васкополус, претседател на Виножито.
Лавината реакции тргна од прес-конференцијата во Стразбур кога грчкиот премиер спореше со дописникот на Македонската тв за постоењето на македонскиот јазик.
Вчера и пратеникот Антонио Милошоски изјави дека Самарас не само што не може да го реши спорот, туку како негов творец ќе стори се да не дојде до решение.
Лидија Чакар
