Македонија

Млади од дијаспората во посета на татковината во рамки на програмата „Родум од Македонија“

21.07.2024 11:46

По 8-ми пат, млади од дијаспората дојдоа во посета на татковината во рамки на програмата „Родум од Македонија“. Двајца студенти од Канада и двајца од Нов Зеланд три недели работеа во Македонија и се запознаа поблиску со татковината на нивните родители...

Дојдоа од илјадници километри подалеку за да се запознаат со татковината на нивните предци. Можноста за професионална практика во адвокатска канцеларија во Македонија ја зграпчи Хенарата од Нов Зеланд, Македонка по потекло која беше за првпат во Македонија.

„Во моето семејство секогаш не учеа за Македонија и македонската култура, но нема голема заедница во нов Зеланд, па е тешко да се научи без да дојдам овде. повторно ќе се вратам“, изјави Хенарата Мишиеф-Македонка по потекло од Нов Зеланд

Викторија е од околината на Торонто, Канада, но нејзиното семејство е од Пробиштип. Често доаѓа во Македонија, а годинава решила да ја заврши професионалната практика во Ветеринарната болница во Скопје.

„Уште како дете доаѓам овде. моето семејство е во Пробиштип, Скопје, Битола, насекаде во Македонија, па веќе се чувствувам поврзана со земјата“, изјави Викторија Јосифова-Македонка по потекло од Канада.

Велика е од Торонто, во Македонија била на професионална практика во центар за помош на лица со аутизам, оти сака да биде учителка.

„Многу ми се допаѓа во Македонија. Ова е вторпат што сум тука, но навистина е одлично искуство што никогаш нема да го заборавам. Во Торонто има голема македонска заедница, па имам многу пријатели Македонци таму. Моето семејство е многу патриотско, но навистина беше убаво да се поврзам со моето семејство во Македонија што не сум го видела многу години“, изјави Велика Мангос- – Македонка по потекло од Канада.

Андреј е од Канада, но неговото семејство е од потекло од Тетово. Годинава дошол на професионална практика во компанија во Скопје, но и да ја види својата баба која живее во село близу Тетово. Вели често доаѓа во Македонија, но годинава тука е за првпат сам.

„Во Виндзор, Канада многу се знае за Македонија. Има многу Македонци. Имаме црква каде луѓе од балканот, Македонци, Срби се сретнуваат, зборуваат. Навистина е прекрасна култура таму. чувствувам и покрај тоа што не биле во Македонија долго време, културата во нив сè уште живее“, изјави Андреј ПетрушевскиМакедонец по потекло од Канада.

По 8-ми пат со програмата „Родум од Македонија“ пристигнаа студенти Македонци од дијаспората во Македонија да ја завршат својата професионална пракса, и да ја запознаат културата и земјата на своите родители.

Обединетата македонска дијаспора постои да ги поврзува Македонците во светот, да ги зајакнува врските со татковината и да отвора можности за инвестиции. Нашинците од дијаспората сметаат дека во ерата на дигитализацијата треба да им се овозможи своите македонски пасоши да ги добиваат преку аплицирање на интернет.

Заминале од Македонија, но и во странство сè уште ги негуваат македонските корени, порачаа нашинците од дијаспората.

Ирина Гелевска