Судир на полицијата и демонстрантите за случајот „Монструм“
Единиците за брзо распоредување реагираа веднаш за да спречат ескалирање на инцидентот. Толпата беше спречена да замине пред зградата на Владата, по што беше потисната назад кон Бит Пазар...

Иако најавуван како мирен, ескалираше протестот против судската одлука шестемина обвинети за тероризам да останат доживотно во затвор. По пладневната молитва во Јајапашината џамија, група пред се млади демонстранти од Чаирчанка појдоа пред судот. Состојбата ескалираше пред Палатата на правдата кога демонстрантите се судрија со полицицијата.
Единиците за брзо распоредување реагираа веднаш за да спречат ескалирање на инцидентот. Толпата беше спречена да замине пред зградата на Владата, по што беше потисната назад кон Бит Пазар.
Полицијата употреби димни бомби и солзавец за да ги растури демонстрантитие. Тие беа немилосрдни и кон припадниците на седмата сила и кон полицијата. Фрлаа камења на сите страни.
Настрадаа и полициски службеници во обид да ги заштитат новинарите, додека агресивната толпа демолираше се што ќе и се најде на патот. Во инцидентите настрадаа и повеќе албански дуќани.
„Никој не може денеска да каже што е ова. Не е во ред и не треба така да биде“, вели еден граѓанин.
Од МВР велат –реагирале професионално. Полицијата привела неколку лица, но засега нема информација колку полицајци и демонстранти се повредени.
Анита Димитријевска
