Туризам

Охрид преполн со туристи

21.07.2024 13:03

Охрид е преполн со туристи кои уживаат во езерските води, разгледот на културно-историските споменици, а во вечерните часови во бројните забави. Кулминацијата на туристичката сезона, како и секогаш, се очекува во наредните дваесетина дена, кога туристите покрај на програмата на фестивалот „Охридско лето“ ќе присуствуваат на бројни концерти на македонски и регионални естрадни уметници...

Туристичката сезона на охридското крајбрежје ги надмина сите очекувања. Високите температури во јуни придонесоа хотелските и другите сместувачки капацитети да бидат солидно исполнети, а поради тропските горештини шпицот на сезоната почна уште на 1 јули. Кулминацијата на туристичката сезона се очекува во наредните дваесетина дена, односно пред, за време и по илинденските празнувања.

„Сезоната во нашиот хотел, а и во Охрид воопшто почна порано, што е на радост на сите хотелиери, односно за целото туристичко стопанство. Кулминацијата исто така е порано, на 1 јули, и сè уште трае и ќе трае и, за среќа, ќе биде продолжена туристичка сезона“, изјави Тоше Чочороски-менаџер на хотели.

„Кога станува збор за посетеноста на Охрид во периодот пред и по илинденските празници, интересно е што оваа година овие термини беа резервирани уште пред три месеци“, изјави Зоран Јанчески-менаџер на хотели.

Туристите се задоволни од тоа што го нуди Охрид, што значи дека повторно ќе дојдат.

„Квалитетот на услугите е одличен, сместувањето исто така, немам никакви забелешки“-турист од Србија.

„Мислам дека цените во Охрид се пониски од останатиот дел на Европа. Бев во Србија, Лондон, овде не е лошо, а таму цените се повисоки“-турист од САД.

Се очекува во Охрид успешна да биде и постсезоната, бидејќи поголем број туристи ќе има до октомври, а во ноември ќе доаѓаат групи во рамки на Балканските кружни тури.

Хотелиерите, исто како и експертите, сметаат дека годинава туристичката сезона ќе биде поуспешна од минатогодишната и дека ќе се вбројува меѓу најдобрите во историјата на Охрид како туристички центар.

 

Сашо Нелоски