Бајден се повлече од претседателската трка, Камала Харис во центарот на вниманието
Пресврт во претседателската трка во САД. На неколку месеци пред изборите, актуелниот претседател Бајден се повлече од кандидатурата и ја поддржа потпретседателката Камала Харис за претседателски кандидат на демократите. За Трамп, Камала Харис е уште полесно да се победи...

Расте неизвесноста пред претседателските избори во САД. Претседателот Џо Бајден се откажа од трката за нов мандат во Белата куќа и ја поддржа потпретседателката Камала Харис, моменталниот фаворит на партијата, за номинација на августовската конвенција во Чикаго.
„Не сум изненаден. Ние сме поделена земја и жал ми е поради тоа. Се надевавме дека тој ќе ни донесе единство, но не излезе така“.
„Многу луѓе не се залагаат за Камала Харис, веројатно тоа е следниот најдобар курс на дејствување што може да се случи во моментов“.
„Мислам дека е паметен потег и паметна одлука да се повлече и да дозволи некој помлад, поенергичен да се спротивстави на некој како Доналд Трамп“.
„И време беше. Требаше одамна да отпадне. Никогаш не требаше да се кандидира, треба да ја напушти Белата куќа“, велат анкетирани граѓани на САД.
Одлуката доаѓа по притисокот од демократите, Бајден да се повлече, особено по дебатата со републиканскиот кандидат Трамп, на 27-ми јуни. Здравствената состојба на претседателот неколкупати беше ставена под прашање.
„Јас, целосно ја поддржувам неговата одлука да го заврши мандатот и да ја поддржиме Камала Харис како наш кандидат“, изјави сенатор Шариф Стрит, Пенсилванија.
„Камала Харис треба да биде наш кандидат. Можеме да дебатираме за тоа кој треба да биде потпретседател, но не и кој е нашиот кандидат за претседател“, изјави сенатор Едвард Марки, Масачусетс.
Светските лидери упатија пораки со почит за досега сработеното, глобалното лидерство и пријателство.
„Претседателот Бајден беше голем пријател на Австралија и ќе остане тоа така. Со нетрпение очекувам да се сретнам со претседателот Бајден на самитите Г-20 и АПЕК што ќе се одржат подоцна оваа година“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.
„По големата полемика за неговата здравствена состојба, имаше политички и економски групи кои вршеа притисок врз Бајден да ја задржи кандидатурата. Мислам дека ја донесе најразумната и најправилната одлука“, изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.
„Претседателот Џо Бајден е горд Американец со ирска душа. Во секоја функција што ја извршуваше, тој отсекогаш го поддржуваше мирот на овој остров“, изјави Сајмон Харис, премиер на Ирска.
„Претседателот Бајден ја донесе одлуката врз основа на неговото верување дека тоа е најдобрата политичка одлука. Јапонско-американската алијанса е камен-темелник на јапонската дипломатија и безбедност и ние внимателно ќе ги следиме идните случувања“, изјави Фумио Кишида, премиер на Јапонија.
Претседателскиот кандидат на Републиканците, изјави дека Бајден заминува како најлошиот претседател во историјата на САД. Според Доналд Трамп, потпретседателката Камала Харис ќе биде полесно да се победи. Независниот кандидат пак, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, ја повика Демократската партија да ја номинира замената на Бајден преку отворен процес.
Маријана Димовска
