Предбрачните договори ретка појава во Македонија

05.07.2014 13:19

Дали во Mакедонија се склучуваат предбрачни договори? Ваквата можност некои ја толкуваат како недостиг на доверба, а други како практична мерка. Но,според зачестеноста на разводите,очигледно и кај нас ваквата мерка во иднина ќе стане секојдневие...

Предбрачниот договор на запад е практична мерка која ги спречува расправиите доколку дојде до развод, кај нас пак тоа е се уште табу тема. Најголема пречка е менталитетот, односно што ќе каже на тоа народот, пријателите, средината.

Според податоците што ги добивме од Основниот суд и Центарот за социјална работа во Прилеп досега не е склучен ваков предбрачен договор. Иста е сликата и во другите градови во Македонија.

Експертите кои секојдневно се соочуваат со разводи, велат дека треба што поскоро да се воведе овој законски член.

„Не е воопшто навредливо доколку помеѓу брачните другари се склучи ваков договор, па за да се смета во средината дека еве овие двајца влегуваат со недоверие во бракот па затоа се ставаат на хартија. Туку спротивно јас мислам дека тој договор ќе биде многу успешен“, вели Живко Јакимоски, адвокат.

И сега постои можност за ваков договор, но сепак треба подетално негово регулирање.

„Секој брачен другар би знаел што би следувало доколку се случи да дојде до развод. Без многу емоции, трошење на време и пари би се решавале тие ситуации“, кажа Кирил Мирчески, адвокат.

Социјалните работници велат дека тој закон би ги спречил пред се траумите за децата.

„Доколку можат да постигнат предбрачен договор тоа според мене е еден добар пример дека ќе имаат успешен брак. Затоа што тој договор значи дека тие двајца во иднина ќе можат да се договараат за повеќе работи“, изјави Снежана Јованоска, директор на Центар за социјална работа Прилеп.

Иако табу тема, најголем дел од граѓаните се за овој закон.

„Добро е да се воведи таков закон, со него можеби и подобро би се сочувале браковите помеѓу младите во денешно време“, рекоа повеќето од анкетираните граѓани.

Како што поминува времето, по се изгледа и оваа западна мерка и кај нас ќе стане секојдневие.

 

Дарко Штаргоски