Фестивал

Премиера на претставата „Галеб“ од Чехов на сцената на „Охридско лето“

22.07.2024 14:07

Вечерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“ љубителите на театарот ќе можат да ја видат претставата „Галеб“ од Антон Чехов во изведба на Народниот театар од Битола. Оваа прва фестивалска премиера ќе се одигра на летната сцена Долни Сарај.

Претставата „Галеб“ од Чехов е една антибајка за нереализирани амбиции, за една чудна мазохистична потреба на луѓето да страдаат и да им биде тешко во нивните животи. Ова на прес конференцијата по повод претставата го рече драмската селекторка на „Охридско лето“ Сања Арсовска, најавувајќи ја првата фестивалска премиера која ќе ја одигра Народниот Театар од Битола.

„Чехов оваа претстава ја нарекува комедија иако во некои сцени е испреплетена со страдање. Воедно претставува едно искуство на љубовта и природата при што централно место зазема езерото“, изјави Багријана Попов, режисерка на претставата од Бугарија.

Актерската екипа очекува дека ќе ги задоволи вкусовите на љубителите на драмската уметност.

„Секогаш кога се работи за Чехов е предизвик за секој актер, посебно ако се работи вака голема улога. Го играм Трепљов“, изјави Илија Волчески, актер.

„Многу луѓе се соочуваат со тој проблем да не се сфатени, да не се слушнати. Мислам дека е и добра порака до младите дека не треба да се посегнува по животот“, изјави Леонида Гулевска-актерка.

„После многу километри поминати на сцената и многу режисери и многу партнери и многу ликови, убаво е некогаш кога ќе дојде една свежина која можеби, се надевам носи свежина во претставата“, изјави Огнен Дранговски, актер.

До 20-ти август во драмскиот дел на „Охридско лето“ публиката ќе може да проследи уште две театарски премиери.

 

Сашо Нелоски