Управа за извршување санкции

Хотел промаја е затворот „Шутка“, затвореници влегуваат и излегуваат кога сакаат, вели Пандов

22.07.2024 14:21

Затворот во Шуто Оризари бил хотел промаја. Првиот човек на Управата за извршување санкции потврди дека при извршениот вонреден надзор, 11 затвореници не биле пронајдени во ќелиите...

Ниту Пабло Ескобар не излегуваше од затворот како нашиве затвореници – вели првиот човек на Управата за извршување на санкции Александар Пандов кој со инспектори во петокот извршил вонреден надзор во Затворот-Скопје кога недостасувале 11 затвореници. Директно го обвини директорот на затворот Филип Андов дека со усна наредба преместувал затвореници во отвореното и полуотвореното одделение за да можат да излегуваат кога сакаат. Во одделенијата перлана и возен парк каде затворениците не биле во своите ќелии, Пандов рече дека тие се помоќни од затворските чувари.

Пандов за состојбата во затворите рече дека го известил и премиерот Мицкоски, побара Обвинителството и полицијата да отворат истрага за однесувањето на директорот на Затворот-Скопје, но најави и инспекциски надзори во останатите затвори. Во Затворот-Скопје таков не бил направен 7 години. СДСМ пак го обвини Пандов дека само за две недели директорување на времен отпуст биле пуштени од затвор четворица осудени за 27-ми април. Пандов вели точно е. Потпишал и за други лица бидејќи нема право да не дозволи лекување кое е поткрепено со специјалистички наоди.

 

 

Миле Ристески