Протест на вработените во градинка во Куманово
Вработените од осумте објекти на кумановската градинка излегоа на протест поради неисплатена јунска плата. Дечињата останаа згрижени со дел од вработените, останатите побараа надлежните да го решат проблемот...

Вработени од осумте објекти на кумановската градинка „Ангел Шајче“ излегоа на мирен предупредувачки протест. Револтот следи бидејќи не им е исплатена јунската плата, но добиле најави дека и идниот месец ќе доцнат средствата. Протестот за кој добија поддршка од синдикатот за образование, наука и култура траеше половина час, поради обврските за грижа за децата. Со дечињата останале дел од вработените. Доколку не се исплати платата велат ќе продолжат да протестираат, првин пред општината, а потоа и во центарот на градот. Според нивните информации причина за неисплатената плата е несогласување помеѓу институциите на локално и централно ниво. Веќе добиле ветувања дека се отстранува административната грешка.
„За јуни немаме земено плата, револтот е тука што во државата само во кумановската градинка плата нема од причини за кои еве реагираме се надевам дека ќе бидат решени“, истакна Цветанка Митевска, претседателка СОНК Куманово.
Вработените се надеваат дека ќе добијат разбирање од родителите, иако протестот нема да влијае врз работата на установата.
Во кумановската градинка вработени се 232 лица. Проблемот е велат голем бидејќи меѓу нив има самохрани родители, двајца сопружници.
Надлежните од градинката информираа дека тие ги завршиле сите неопходни постапки и документите за плата, се веќе предадени до останатите институции. Од општината побаравме но до започнување на дневникот не добивме одговор за надминување на проблемот.
Елена Георгиевска
