Таравари: Нема повисоки плати во здравството, но ќе има нови вработувања
Градската општа болница „8 Септември“ е подготвена да прими онколошки пациенти, иако акцелераторот се уште не е во функција. Министерот Таравари најави нови вработувања, но тој ги олади здравствените работници – до крајот на годинава ќе нема покачување на платите, ниту нов колективен договор.

Вработувања во здравството ќе има, но не и зголемени плати за здравствените работници. Поради буџетскиот дефицит, министерот за здравство Таравари очекува разбирање од синдикатите бидејќи, како што вели, невозможно е да се потпише нов колективен договор. Се надева дека со ребалансот на буџетот во здравството ќе нема кратење на буџетот.
„До крајот на годината тешко дека ќе имаме зголемување на платите бидејќи имаме огромен буџетски дефицит. Се надевам дека во здравството нема да има огромно скратување во буџетот, бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година. Со синдикатите имав еден состанок, повторно ќе имам и ќе побарам од нив разбирање за евентуално да се договориме за идната година. Оваа година практично е невозможно да се донесе нов колективен договор“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.
Здравствените власти очекуваат за половина година пациентите со малигни заболувања, зрачна терапија да добиваат во Градската општа болница „8 Септември“. Толку време е потребно да се подготви и да се стави во функција акцелераторот. За неколку недели, пак, ќе почнат со работа онколошките амбуланти за и тука да се дава дел од терапиите. Обезбеден е условен буџет, а клиниката веќе има двајца онколози. Со ова се очекува да се намали притисокот врз Клиниката за онкологија.
„За почеток ќе се трудиме динамиката да одговара на капацитетите, како кадровски, така и техничко функционални на болницата, а постепено како што ќе се зголемува тимот така и бројката на пациенти кои полека ќе се префрлаат во болницата „8 Септември“ ќе расте“, изјави д-р Синиша Стојановски – директор на ГОБ „8 Септември“.
„Зависи од типовите на терапија која ќе се обезбеди во ГОБ „8 Септември“, но секој пациент кој можеме да го пратиме тука ќе го намали метежот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија“, изјави д-р Игор Стојковски – директор на Клиниката за онкологија.
И болниците во Битола и Штип имаат акцелератори, иако набавени пред една деценија воопшто не се ставени во функција. Таравари сите податоци што ќе си добие за акцелераторите ќе ги достави до обвинителството кое треба да провери дали има основ за кривично дело.
Андријана Ѓурческа
