Синдикат на УПОЗ: На повидок суспендирање на колективните договори
Синдикатот на УПОЗ предупредува – на повидок е суспендирање на колективните договори. Синдикалците се револтирани откако Владата ги задолжи буџетските корисници да ги имаат предвид одобрените пари при склучување на договорите. Министерката за финансии е децидна – она што е потпишано ќе се почитува, она што не е потпишано не е предвидено со ребалансот.

Колективните договори кои се потпишани годинава ќе се најдат во ребалансот на Буџетот, другите не. Министерката за финансии Кочовска вели се прават анализи за наредната година. Според неа, овој ребаланс на буџетот се прави за да се затворат проблемите кои можат да направат дополнителна штета.
Синдикатот на УПОЗ со остра реакција на заклучокот на Владата на кој се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да бараат согласност и мислење од финансии. Според УПОЗ, со ова се ограничуваат преговорите и потпишувањето на колективните договори.
Ребалансот на буџетот в четврток на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Од СДСМ најавија дека ќе и се спротивстават на власта поради тоа што не е предвиден раст на платите во ниту еден сектор. Со ребалансот, растот на БДП е ревидиран од првично планираните 3,4 проценти на 2,1 процент.
Викторија Милевска
