Хрватска

Масакр во Хрватска, загинати и повредени во вооружен напад во дом за стари лица

22.07.2024 16:22

Страшен масакр во Хрватска. Шестмина се убиени во приватен дом за стари и немоќни лица во градот Дарувар, на околу 130 километри од Загреб. Поранешен хрватски бранител влегол во објектот и почнал да пука. Ја убил мајка му, други штитеници и вработени во домот. Има и повредени …

Домот за стари лица „Виани“ на улицата „Мажурениќева“ во Дарувар беше кобен за шест лица откако педесетиедногодишен маж прво ја застрелал мајка си, а потоа уште пет други лица. Крешимир П. за кој хрватските медиуми јавуваат дека е пензиониран полицаец и поранешен хрватски бранител во крвавиот поход ранил уште три лица од кои двајца се борат за живот.

Според очевидците после масакрот ладнокрвно се упатил во кафулето „Дарувар“ нарачал пијалак, го ставил оружјето на маса и се пофалил дека штотуку ги убил сите. На полицијата и дојавил продавачот од блиската продавница кому двајца повредени работници од домот му кажале што се случило. Набрзо полицијата го уапсила.

„Во тек е увидот, полицијата си ја врши својата работа. Другите повредени се пренесени во болница и се надеваме дека ќе бидат добро. Верувајте сè ќе сториме за да помогнеме. Одиме сега во Дарувар пристигнуваат и министрите и да се искоординираме и другите корисници да ги префрлиме во некој друг дом“, соопшти Марушиќ.

Премиерот Пленковиќ им изрази сочувство на семејствата на починатите истражните органи допрва ќе ги утврдуваат причините и мотивот на извршителот на петкратното убиство кој и бил и претходно познат на полицијата.

 

 

Фиљана Кока