Со „Made in Macedonia“ Веибо ќе го освојува европскиот пазар
„Веибо“ вработува 14.400 лица и има фабрики во три земји. Од зоната во Македонија за 5 години се очекува вредноста на извозот да достигне меѓу 600 и 800 милиони долари...

Со кинески дизајн и технологија, производи со ознака „Made in Macedonia“ ќе го освојувааат европскиот пазар. „Веибо“ групата планира изградба на цела текстилна зона со 5.000 вработени, која ќе работи исклучиво за извоз. Менаџментот е задоволен од амбиентот за инвестирање во Македонија и од поддршката на Владата и смета дека нивниот докажан концепт е вистински рецепт за успех.
„Одлучивме да реализираме инвестиција во Република Македонија во вредност од 400 милиони долари, на површина од 400.000 метри квадратни која ќе обезбеди вработување на над 5.000 работници во интегрирана текстилна индустриска зона. Успехот на нашата компанија е базиран на поврзување на снабдувачкиот канал со маркетингот, од суровина до производство и од дизајн до продажба и маркетинг“, вели Селчук Алперин, директор на „Веибо“ групата.
„Веибо“ вработува 14.400 лица и има фабрики во три земји. Од зоната во Македонија за 5 години се очекува вредноста на извозот да достигне меѓу 600 и 800 милиони долари.
„Има фабрики во Народна Република Кина, Турција и Камбоџа. Тие имаат голем успех, имаат околу 2.900 продавници и ова е нешто што навистина функционира на вистинскиот начин и најважното што тоа е со успех. Задоволен сум што оваа компанија одлучи нивната следна инвестиција да биде во Република Македонија“, вели премиерот Никола Груевски.
Конструкцијата на производните хали во зоната се предвидува да почне во втората половина од годината, додека првите реализирани извозни зделки се најавени за 2015-та . Гванжу и компанијата „Веибо“ беа последната дестинација од азиската турнеја на Владиниот економски тим.
Свето Николовски
