Блиски Исток

Хамас и Фатах потпишаа договор за национално единство

23.07.2024 09:56

Потпишана „Декларацијата од Пекинг“ за формирање Влада на национално единство со цел обединување на институциите на Западниот Брег и Газа...

Четиринаесет палестински групи ја потпишаа „Декларацијата од Пекинг“ за формирање влада на национално единство со цел обединување на институциите на Западниот Брег и Газа. Меѓу потписниците се ривалските палестински фракции Фатах и Хамас, како и Исламски џихад.

„Потпишуваме договор за национално единство и велиме дека патот до завршување на ова патување е националното единство“, изјави Муса Абу Марзук, висок функционер на Хамас.

Фатах ја контролира палестинската управа на Западниот Брег. Хамас пак, ја презеде власта во Газа во 2007 година. Хамас и Фатах првпат ветија дека ќе го прекинат ривалството во 2011 година, но, обидите за формирање влада на единство постојано пропаѓаа.

„Најважниот консензус на овој дијалог во Пекинг меѓу палестинските фракции е да се заложиме за големо помирување и големо единство на сите 14 фракции. Основниот резултат е дека е јасно дека Палестинската ослободителна организација е единствениот легитимен претставник на палестинскиот народ“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.

И додека во палестинската енклава секојдневно се регистрираат нови жртви на војната, израелскиот парламент усвои нацрт-закон со цел затворање на Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци – УНРВА. Тел Авив ја оквалификува како терористичка организација. ООН предупредуваат за ескалација на конфликтот, особено по нападите од либански Хезболах и јеменските Хути.

„Ризикот за проширување на конфликтот на Блискиот Исток е реален и мора да се избегне. Еден непромислен потег, една погрешна пресметка може да предизвика катастрофа што ги надминува границите“, изјави Розмари Ди Карло, шеф на Одделот за политички и мировни прашања за ООН.

Израелскиот премиер Нетанјаху во Вашингтон се сретна со семејствата на заложници што ги држи Хамас, од каде што сигнализираше дека договорот за прекин на огнот може да се обликува. Предвидено е Нетанјаху да разговара со Бајден и да има обраќање во Конгресот.

„Ова е важна посета која ќе ни даде можност да им ја пренесеме на американските претставници и на американскиот народ важноста на нивната поддршка, патем, заедно со нив, да го постигнеме ослободувањето на сите заложници. Вршиме многу силен притисок врз Хамас, гледаме одредена промена и мислам дека оваа промена ќе расте – ова е воена цел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Израел и Хамас со недели го разгледуваат договорот за прекин на огнот, поддржан од САД, кој би требало да ја запре деветмесечната војна и ќе ги ослободи заложниците кои Хамас ги зеде за време на нападот на 7-ми октомври.

 

Маријана Димовска