Голем интерес за Владиниот оглас- место само за најдобрите

05.07.2014 17:05

Експертите велат дека ваквите огласи за вработување во јавната служба се транспарентни и преку нив може да се дојде до најдобрите кандидати...

Владиниот оглас предизвика голем интерес кај јавноста. Најбарани се раководните позиции за странски инвестиции, економски промотори, подршка на домашната економија, човечки ресурси и протокол.

Новите кадри во владиниот кабинет со своето искуство и знаење, според универзитетскиот професор Пејковски би придонеле во остварување на програмите и реформите на Владата за наредните 4 години.

„Преку ваков начин на изразување луѓето може да го искажат односно да конкурираат таму каде што знаат, имаат умеење и искуство и можат да покажат дека работат, сметам дека ова е транспарентен начин“, вели професорот Јован Пејковски.

За советниците пак најпосакувани се позициите во културата, правосудството, администрацијата и политички прашања. На огласот има место само за најдобрите кандидати.

„Давање можност на голем број на луѓе да се пријават и да ги покажат своите способности значи и можност за избор на поквалитетни кадри“, додава професорот Пејковски.

Владата на оглас бара 379 лица за раководни позиции во државната управа, како и за управни и надзорни одбори. Може да се аплицира за амбасадори, воени аташеа, државни секретари, директори. На огласот може да се пријават лица кои ги исполнуваат критериумите од огласот, а ќе бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет. Во тек се и повеќе јавни повици за раководни позиции, во градот Скопје и Собранието.

 

Викторија Тодоровска