Управа за јавни приходи

Навремено и точно плаќање данок заедничка цел на УЈП и сметководителите

23.07.2024 11:17

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова во текот на вчерашниот ден остварила две одделни работни средби со претставници на сметководителите од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) и Комора на сметководители на Македонија (CAM)...

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова во текот на вчерашниот ден остварила две одделни работни средби со претставници на сметководителите од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) и Комора на сметководители на Македонија (CAM).

-Во рамки на средбите една од главните теми беше дека навремено поднесување на ДДВ пријавите во законскиот рок, но и точното пријавување без дополнителни исправки на пријавите, како и плаќањето на точен износ на данок во законскиот рок е заеднички предизвик и за Управата за јавни приходи и за самите сметководители односно компании, информираат денеска од УЈП.

Соговорниците се согласиле дека ова се најважните компоненти за даночниот рејтинг на една компанија и во таа насока разговарале и за предлогот на компаниите за објавување „бела листа“ на даночни обврзници. За ова, директорката нагласи дека Управата за јавни приходи во следниот период ќе најде можност да го обелоденува даночниот рејтинг и да ги промовира позитивните примери за одговорно даночно однесување.

На средбите било истакнато и дека услугите на сметководителите кон нивните клиенти, во најголем дел се поврзани и зависат од процесите во Управата за јавни приходи и оти сметководителите очекуваат од УЈП да добиваат конзистентни пристапи, унифицирани пракси, навремени услуги, соработка во регулацијата на овластувањата за поднесување даночни пријави и биланси.

На состаноците биле донесени и заклучоци за формализирање на соработката меѓу УЈП и овие здруженија на сметководителите во претстојниот период. На овој начин, велат од Управата, првенствено УЈП ќе стекне сигурност дека даночните обврзници добиваат кредибилни совети и услуги од сметководителите за точно исполнување на даночните обврски, а воедно институцијата ќе има партнер при имплементирањето на одржливи дигитални услуги според практичните потреби и можности на директните корисници.