пентагон

Пентагон: Русија и Кина ја интензивираат соработката на Арктикот

23.07.2024 11:43

Американското Министерство за одбрана ќе инвестира повеќе за да ги надгради сензорите, комуникациите и технологиите во Арктикот...

Американското Министерство за одбрана ќе инвестира повеќе за да ги надгради сензорите, комуникациите и технологиите во Арктикот. Пентагон ја објави стратегијата „Набљудувај и Реагирај“, што се заснова на собирање разузнавачки информации, соработка со сојузниците и способност за распоредување воени средства. Во документот се наведува дека интензивната соработка на Русија и Кина во регионот на Арктикот може да влијае на регионалната стабилност. Според Пентагон, Москва повторно отвори стотици воени објекти од советска ера на Арктикот, додека Пекинг планира да изгради „Поларен пат на свилата“.

„Нашата арктичка стратегија ќе ги води напорите на одделот да се осигури дека Арктикот останува безбеден и стабилен регион. Климатските промени суштински го менуваат Арктикот, а со тоа и геополитиката и одбранбените мисии на САД. Топењето на ледените капи отвора нови бродски патеки и привлекува зголемен интерес за активности и од Народна Република Кина и од Русија. Иако не е арктичка држава, Кина бара поголемо влијание во регионот. Во исто време, Русија продолжува да претставува акутна закана за безбедноста и стабилноста во регионот“, изјави Кетлин Хикс, заменик-секретар за одбрана на САД.