Македонија

Николоски: Градиме најскапа и пруга која завршува во тунел

23.07.2024 13:31

На 24 километри, 22 тунела. Министерот за транспорт Николоски тврди дека проектот за последната делница од пругата кон Бугарија има многу фалинки – завршува во тунел што не води никаде и предвидува уривање на 20 куќи во Крива Паланка. Ако се реализира проектот од 560 милиони евра, ова ќе биде најскапата пруга во Европа, вели Николоски, кој бара парите да се потрошат на брза пруга по Коридорот 10...

Наместо во пруга која води во тунел, бидејќи од страната на Бугарија воопшто не е изготвен ниту проект, парите да се пренасочат за брза пруга по Коридорот 10, ќе бара Министерството за транспорт и врски. Ова следи откако е увидено дека проектот има многу недостатоци.

Втората фаза од пругата според министерот Николоски се гради со спора динамика. Завршени се само 15 отсто од работите. Третата пак рече е речиси и невозможно да се реализира. Неопходно е уривање на 20 куќи во Крива Паланка, поради планинскиот појас движењето би било 60 километри на часа. На само 24 километри пруга, предвидено е и да се изградат 22 тунели. За изградбата би се потрошиле 560 милиони евра, што значи најскапа пруга во Европа. Затоа ќе бараат од Европската банка за обнова и развој и инвестициска банка, парите да се пренаменат за пруга од Табановце кон Гевгелија со која возовите би се движеле и до 120 километри на час, а проектот би бил значајно поевтин односно 250 милиони евра. Сепак рече мора да се најде алтернативно решение, и да се разговара со соседна Бугарија.

„Дали вреди да се потрошат 560 милиони евра народни пари во сиромашна Македонија за пруга која треба да уништи дел од градот Крива Паланка да вози со 60 километри на час, да има теоретски 22 тунели и да завршува во тунел кој не води никаде, или во превод никогаш нема да се заврши и за 10 години повторно ќе зборуваме дека не е завршена“, истакна министерот Николоски.

За разлика од пругата, работите на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка се со задоволително темпо. Очекувањата се патот кој чини околу 94 милиони евра да биде завршен до нова година. Инвестицијата треба да овозможи побрз и побезбеден проток на сообраќајот но и развој на трговијата со Бугарија.

„Овој пат ќе овозможи многу побрза комуникација со Крива Паланка од Скопје кон Куманово и ова е дел од Коридорот 8 со кој се поврзуваме со Софија“, истакна Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

Изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка започна во 2018-та година.

 

Елена Георгиевска