Заем од 26,4 милиони евра од ЕБОР за МЕПСО
Во Владата денеска е потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу Европската банка за обнова и развој и македонскиот оператор за електропреносен систем МЕПСО. Парите ќе се потрошат за обнова на дел од дотраената преносна мрежа. Треба да обезбеди и приклучоци на енергијата што се добива од обновливи извори на енергија. Вкупната вредност на проектот е 34,7 милиони евра.

Преносната мрежа на МЕПСО ќе се модернизира за да се подобри стабилноста и да се намалат загубите, но и на неа да се приклучат капацитети што работат со обновливи извори на електрична енергија. Во владата потпишан договорот за заем со ЕБОР во висина од 26,4 милиони евра. Останатиот дел од финансиската конструкција за проектот вреден вкупно 34,7 милиони евра ќе се затвори преку инвестицискиот фонд за Западен Балкан и од Климатскиот фонд.
Со инвестицијата на мрежа треба да се приклучат нови 1.170 мегавати од обновливи извори. Се планира и обука на оператори на мрежи за да стекнат вештини за преодот кон зелената транзиција.
Зелената трансформација предвидува до 2030-та година, најмалку 66 насто од енергијата во земјава да биде произведена од ветер, вода или сонце.
Анита Димитријевска – Велковска
