Кузеска тврди дека Тошковски и Јанушев имаат станови во подарениот имот на генералниот секретар на Владата
Опозициската СДСМ покажа документи според кои, на подарениот имот на генералниот секретар на Владата има зграда во којашто Јанушев и Тошковски поседуваат станови. Партијата бара Обвинителството и Антикорупциска да го разгледаат случајот. Јанушев објаснува – имот не е подарен, податоците во анкетниот лист се погрешно внесени...

Панче Тошковски и Игор Јанушев имаат станови во подарениот имот на генсекот на Владата вреден 325.000 евра, обвинуваат социјалдемократите. Објавувајќи фотографии од зграда во строгиот центар на главниот град, портпаролката Кузеска посочи дека министерот за внатрешни во неа поседува стан од 146 метри квадратни и деловни простории од 46 метри квадратни со пазарна вредност од над 400.000 евра. Од опозициската СДСМ прашуваат дали поднесол и зошто неговиот анкетен лист не е достапен за јавноста? Како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски?
На обвинувањата реагираше Јанушев. Не постои никакво подарено земјиште. Има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС и ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува, вели во реакцијата Јанушев.
„7 години бандитите на ДУИ и СДС беа на власт. 7 години водеа политички процес и хајка врз мене и тоа за непостоечки случај за набавка на автобуси, и кога можеа за тоа да водат случај, што мислите колку пати ќе бев затворен доколку е вистина она што сега го говорат?“- стои во реакцијата на генсекот Јанушев.
И министерот Тошковски ги демантираше изнесените наводи од Кузеска. Уверува дека на 4-ти јули годинава до ДКСК поднесол изјава за имотна состојба за што сподели линк
„Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет“ напиша на својот Фејсбук-профил, Тошковски.
Тошковски посочи дека е време вистината да излезе на виделина.
Фиљана Кока
