Аргентина-Белгија
Во мислите на Аргентина и Белгија се случувањата од Мексико во 1986-та, во годината на нивните последни и најголеми мундијалски успеси...

Пред себе имаат висока цел! Полуфинале, влез во завршните битки за освојување медал. Колку и да се фокусирани на важноста на моментот, не можат да го отфрлат минатото! Во мислите на Аргентина и Белгија се случувањата од Мексико во 1986-та, во годината на нивните последни и најголеми мундијалски успеси. Неизбришливи се сликите од „Ацтека“ стадионот во Сјудад Мексико,од полуфиналето. Тоа беше највисокиот белгиски фудбалски узлет:и дотогаш и оттогаш...Но, генијалсноста на Марадона се испречи пред „Црвените ѓаволи“! Виртуозниот предводник на Аргентинците , со две голгетерски ремек-дела го одведе својот тим во големото финале, оставајќи ги Белгијците утехата да бараат во борбата за третото место. Аргентина ја освои круната, втор и последен пат во мундијалската историја. Белгија и ден денес ги слави Кулеманс, Ван дер Берг,Пфаф...и дострелот кој го достигнаа. Во меѓувреме во 28-те години по натпреварот на „Ацтека“, никогаш повеќе не се вкрстија фудбалските патишта на Аргентина и Белгија. Се до денеска, кога на „Мане Гаринча“ стадионот во Бразилија новите фудбалски генерации на двете земји се соочени со предизвиците низ кои минаа нивните претходници.
И Аргентина и Белгија имаа трнлив пат до ¼ финалето. Откако „на мускули“ стигнаа до првите места во своите групи, во првата нокаут-рунда мораа да потрошат многу енергија! Гаучосите 118 минути го кршеа отпорот на одлично организираните Швајцарци. Во неувреливата партија сепак до израз дојде индивидуалниот блесок на Меси со беспрекорната асистенција за Ди Марија...Белгијците исто така во продолжението од два пати по 15 минути се изборија за победнички 2:1 во непридвидливото надигрување со Соединетите американски држави. Стандардниот дефанзивец Маркос Рохо поради два жолти картони не е во тимот на Алехандро Сабеља. Серхио Агуеро им се врати на тренинзите, но е недоволно подготвен за ваков меч. Сите аргентински надежи се во најдобриот играч на денешницата Лионел Меси и придружбата од ударната линија: Ди Марија, Игуаин, Лавеци или Паласио. Компанијата на Марк Вилмоц се комплетира со Стивен Дефур,кој ја одлежа казната поради црвениот картон, а и со Томас Вермален кој веќе не чувствува последици од повредата. Дилемата е, одново со Ориги или со „спасителот“ против Американците Лукаку во нападот?
Исклучителна е провокативноста на дуелот во Бразилија. Две селекции, кои многу се разликуваат, а заеднички им е неспорниот квалитет и капацитет за влез во мундијалската битка за медалите!
