Македонија

Министерот за локална самоуправа Златко Перински го прими Кристофер Гети, градоначалник на Лајонс, Илиноис, САД

23.07.2024 20:48

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински денеска го прими градоначалникот на Лајонс, Илиноис, САД, Кристофер Гети...

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински денеска го прими градоначалникот на Лајонс, Илиноис, САД, Кристофер Гети.

Средбата беше искористена за размена на искуства за реализација на иновативни проекти на локално ниво.

Министерот Перински истакна дека Македонците во САД се важна алка за соработка и секоја можност за продлабочување на соработката на сите нивоа е исклучително корисна.

Градоначалникот Гети истакна дека во Лајонс живеат околу 4.000 Македонци, а неговиот мандат како градоначалник од 2009 година го одбележуваат и проекти за мултикултурализам и целосна интеграција во локалната заедница на припадниците на различните етнички групи.

На средбата се разговараше и за можностите за проширување на соработката на локално ниво. Притоа беше истакната потребата од размена на искуства за реализација на поголеми иновативни проекти, коишто имаат влијание на унапредување на условите за живеење во општините и коишто отвораат нови можности за развој на локалните заедници и за граѓаните.

Министерот Златко Перински се заблагодари на градоначалникот Гети за можностите што ги имаат Македонците, коишто живеат во Лајонс, Илиноис, како и за неговата грижа за нивната интеграција во заедницата. Двајцата соговорници на средбата изразија задоволство од остварените контакти и од пројавените иницијативи за продолжување на соработката, којашто има перспектива да се развива на различни нивоа и во различни области пред сè преку размена на искуства и добри практики за реализација на капитални проекти.