Фудбал – СП Бразил 2014

Германија чека, доаѓаат Бразил или Колумбија

04.07.2014 21:06

Во меч со натпреварувачко значење Бразил дома нема пораз од 1975-та...

„Оној што сака фудбалска убавина без резултат, е идиот“, бразилскиот селектор Луиз фелипе Сколари ја повтори својата изјава пред четвртфиналето со Колумбија. „Селесао“ не игра како националните состави предводени од Пеле, Сократес, Жаирзињо. Се разбира дека тоа нема да биде важно доколку домаќинот го крене шестиот светски шампионски пехар. Но товарот го чувствуваат сите, фудбалерите најмногу, па Сколари побара стручна психолошка помош за да им овозможи на своите избраници да бидат на потребното ниво.

Во поголем мир, со самодоверба до небо Колумбијците го чекаат свирежот на судијата Карбаљо. Победија на четири средби, го имаат вториот најефикасен напад на Мундијалот и првиот стерелец Хамес Родригез. Грција, Брегот, Јапонија и Уругвај почувствуваа како е да се запира колумбискиот напад. Тимот на Хозе Пекерман одигра со висок интензитет само 50 минути во осминафиналето против Уругвајците, двострелот на Рогригез тогаш го реши победникот. Затоа Колумбија е посвежа, Бразил играше на пенали со Чиле, се истошти и физички и психички. Но „кариоките“ имаат силна традиција, не само на првенствата, туку и во меѓусебните средби. Само двапати Колумбија се радувала со Бразил, последниот пред 23 години кога Родригез и Нејмар не беа родени, а првиот пред втората светска војна.

Во меч со натпреварувачко значење Бразил дома нема пораз од 1975-та. Бројките се силни, но колумбиската репрезентација се наметна, иако тоа беше во објективно лимитирана конкуренција во групата и со десеткуваниот Уругвај без Лиус Суарез во составот. Затоа Бразил се надева дека во Форталеза ќе продолжи фудбалската самба. Луис Густаво е единствениот кој нема право на настап поради два жолти картона. Нејмар тврди дека е целосно подготвен и покрај ударите што ги доби од Чилеанците. „Немаме емоционални проблеми“, кусо одговори првата бразилска ѕвезда на прашањата на новинарите на оваа тема. Емоциите се дел од овој волшебен Мундијал. Ги има на химните, по головите, доаѓаат со триумфите. За жал ги има и во поразите.