САД

Тимот на Трамп поднесе жалба против Харис поради средствата за реизбор на Бајден

24.07.2024 09:39

Тимот на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп до Федералната изборна комисија поднесе жалба против Камала Харис-не можела легално да бара средства собрани од кампањата за реизбор на претседателот Бајден. Според анкетите Харис има тесно водство од 2 проценти пред Трамп во претседателската трка...

Предизборната трка во САД со денови го задржува вниманието на светската јавност. Потпретседателката Камала Харис ја почна претседателската кампања и собра рекордни 81 милион долари во првите 24 часа. Републиканците поднесоа жалба до Федералната изборна комисија, со став дека потпретседателката на САД, не може легално да бара средства, собрани во рамките на кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден. Демократите ја одбија жалбата и очекувано, митинзите ги почнаа со засилени напади врз кандидатот на републиканците.

„Пред да бидам избрана за потпретседател, пред да бидам сенатор на Соединетите Американски Држави, бев избрана за јавен обвинител, а пред тоа бев обвинител во судницата. И во тие улоги гледав сторители од секаков вид. Предатори кои злоупотребувале жени, измамници кои ги прекршиле правилата за своја корист, па слушнете ме кога велам, знам каков е Доналд Трамп“, изјави Камала Харис, потпретседателка на САД.

Конвенцијата за официјална потврда на Демократскиот кандидат е закажана од 19-ти до 22-ри август во Чикаго. Според анкети на „Ројтерс“ и ИПСОС, Харис има поддршка од 44 насто од гласачите, наспроти 42 проценти за Доналд Трамп. Републикански лидери побараа нивната кампања да се заснова на политики, а не на личности. Ја предупредија партијата да не користи расистички коментари против потпретседателката Харис.

„Не правете грешка, американскиот народ знае дека Камала Харис ја поседува катастрофалната и неуспешна политика на Џо Бајден“, изјави Елиза Стефаник, Претседавач со републиканската конференција на Домот.

„Ова не е лично во однос на Камала Харис и нејзината етничка припадност, нејзиниот пол нема никаква врска со ова. Станува збор за тоа кој може да испорача за американскиот народ и да не извлече од нередот во кој се наоѓаме. Секој дел од јавната политика е катастрофа бидејќи администрацијата на Бајден-Харис го направи сево ова“, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на САД.

И демократите и републиканците ги темелат кампањите на ставовите за тоа кој подобро ќе се справи со инфлацијата, енергетската криза, криминалот, војните во светот, миграцијата. Во меѓувреме, карван од 2.000 мигранти тргна од јужниот дел на Мексико САД. Групата ќе се обиде да стигне до границата пред ноември поради страв дека преминот ќе биде затворен доколку републиканецот Доналд Трамп победи на изборите.

„Формирањето на поголеми групи, од стотици или понекогаш илјадници луѓе кои се движат низ јужниот дел на Мексико, стана вообичаено во последниве години и обично се совпаѓа со моментите во кои миграциското прашање е на агендата“, рече мигрант од Венецуела.

Следните чекори на функцијата и на кој начин ќе го заврши својот претседателски мандат, теми на обраќањето на претседателот Џо Бајден откако реши да се повлече од трката за нов претседателски мандат и беше во изолација поради инфекцијата со Ковид-19.

 

Маријана Димовска