„Бело лето“ за официјален старт на сезоната во Охрид

05.07.2014 17:36

Со манифестацијата „Бело лето“ синоќа и официјално беше означен почетокот на туристичката сезона во Охрид. На градскиот плоштад концерт одржа групата „Нокаут“, а на гостите и охриѓани угостителите, кои работеа во текот на целата ноќ своите услуги им ги наплаќаа по намалени цени од 10 до 30 проценти...

Додека денот се разделува со градот и ноќта се спушта на Охрид во бројните кафулиња и рестораните почнува животот,пред се за младите и туристите,но и за оние за кои ноќта има посебна убавина. Охрид е неодоливо привлечен во летните ноќи,а охриѓани со нови содржини,како што е манифестацијата „Бело лето“ се обидуваат да привлечат што поголем број туристи.

„Со оваа и сите други манифестации кои што ги имаме испланирано за реализација оваа туристичка сезона ќе ја зголемиме туристичката понуда“, вели Ѓоко Апостолов-Раководител на ТЛЕР-општина Охрид.

„Голема привилегија за нас, но и голема одговорност е да го отвориме Охридското лето, така што ќе дадеме максимум од себе, ќе дадеме позитивна енергија и ќе видете дека кај и да одиме имаме лесна нога, така што очекувајте добро лет“, рече музичарот Владимир Крстевски - Франц.

Охриѓани, но и гостите со огромна подршка за манифестацијата „Бело лето“.

„Мислам дека е многу добра, односно убава иницијатива, бидеќи на овој начин Охрид на момент наликува како големите метрополи“, вели една охриѓанка.

„После девет години се враќам да си го видам мојот роден крај, Ерусалим на Балканот и занимливо е што овие денови се одржува оваа манифестација“, вели еден македонец од Австралија.

Охрид во изминатите 24 часа дишеше со полни гради. Работното време за угостителите беше неограничено, а дел од нив понудија попусти од 10 до 30 проценти.

Во наредните 50-тина дена градот ќе пуслира во летен ритам.

И додека помладите уживаа во концертот на градскиот плоштад, повозрасните во охридските ресторани се релаксираа со звуците на охридската староградска песна.

Се разбира со чаша добро вино и вкусна храна.

„Омиленото јадење на странците е охридската пастрмка, таа е најбарана, тоа е охридскиот бренд“, вели куварот од ресторанот „Света Софија“.

Ова е само мала приказна за една летна ноќ во Охрид, а нив ќе ги има многу и ќе траат долго, до секое ново изгрејсонце.

 

Сашо Нелоски