Пожарите го вклучија алармот, итна реорганизација на системот за управување со кризи
Владата под итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем во справувањето со пожарите, заклучок од состанокот на Управувачкиот комитет. На отворено активни се 7 пожари, но во моментот нема потреба од странска помош, вели директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов. Најголем дел од пожарите се подметнати, рече министерот за внатрешни Тошковски. За две лица има и кривична пријава...

Пожарите ги разбудија институциите. Системот за управување со кризи е руиниран, призна Управувачкиот комитет за кризи, кој донесе итна одлука за негова обнова. За ваквата состојба, директорот на ЦУК Ангелов вели дека предупредувал со години, но претходната Влада била глува на апелите. Поради немање волја да се ангажираат пилоти, „ер-тракторите“ две години останале во гаража. Ангелов предлага да се формира специјална интервентна единица за да не се повторат грешките.
Поради катастрофалната состојба во која се наоѓа јавното претпријатие „Национални шуми“, Управувачкиот комитет одобри претпријатието да добие 15 тони гориво од државните резерви. Дополнително, на вработените ќе им бидат исплатени трите заостанати плати – рече министерот за внатрешни Тошковски кој најави системски реформи. Според него, најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор.
По две недели, пожарот на Серта е изгаснат. Повредени се неколку пожарникари и e предизвикана голема еколошка штета. Во земјава остануваат уште неколку активни пожари, а најкритично е во Македонски Брод каде огнените јазици се шират кон резерватот јасен.
Викторија Милевска
