Нови 26 случаи со голема кашлица
Во земјава се регистрирани 26 нови случаи на голема кашлица во период од 12-ми до 18-ти јули – ова претставува намалување од 35,4 проценти во однос на претходната недела. Најголем дел од случаите, десет се во Скопје, седум има во Куманово. А од заразените најмногу се на возраст до четири години. Досега во земјава се регистрирани вкупно 931 случај на пертусис.

Нови 26 случаи на голема кашлица во земјава за една недела. Намален бројот за 35,4 отсто во споредба со претходниот седумдневен период.
Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје, 7 се регистрирани во Куманово, по 2 во Кратово и Тетово и по еден случај има во Гевгелија, Неготино, Кичево, Битола и Крива Паланка.
Возраста на заболените се движи од 3 месеци до 70 години, а најголем број случаи се од возрасната група до 4 години, наведуваат од Институтот за јавно здравје. 17 лица се некомплетно вакцинирани. Од новите случаи, два се хоспитализирани.
Заклучно со 18-ти јули во земјава е регистриран 931 случај на голема кашлица, што претставува неколкукратно зголемување во однос на изминатиот петгодишен период, односно од 2019 до 2023-та, кога се регистрирани само 10 случаи. Според извештајот, 580 лица или 62 проценти од заболените не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани според возраста и календарот за имунизација.
Целосно вакцинирани се 351 лице. Од заболените со пертусис, хоспитализирани се 131 лице, а најголем број, дури 85,5 насто од нив се на возраст до 4 години, и се хоспитализирани во Детската болница во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 127 се испишани.
Со цел да се превенира појавата на нови случаи на голема кашлица и да се спречи понатамошно ширење на заболувањето, потребно е да се зголеми опфатот со примарната вакцинација, велат надлежните здравствени власти. Поради зголемениот број заболени, епидемија од голема кашлица беше прогласена во Скопје и во Куманово.
Ана Јосифоска-Тодоровска
