Свет

Кина е подготвена да одигра конструктивна улога во решавањето на руско-укараинскиот конфликт

24.07.2024 14:15

Кина е поготвена да соработува со двете страни за решавање на руско-укараинскиот конфликт. Шефот на украинската дипломатија при посетата на Пекинг ја истакна важноста за дијалог кој би донел праведен и траен мир. Од Кремљ велат дека не одбиваат преговарање, но детеалите мора да бидат појаснети. На фронтот, жестоки битки.

Пекинг изрази подготвеност за понатамошна соработка со Киев. Министерот за надворешни работи на Украина во посета на Кина првпат по руската инвазија во 2022 година. Кинеските власти тврдат дека се подготвени да одиграат конструктивна улога во решавањето на војната.

„Кина отсекогаш била цврсто посветена на промовирање политичко решение за кризата. Решавањето на сите спорови мора да се постигне низ политички канали. Неодамна, и Русија и Украина сигнализираа подготвеност да преговараат. Иако условите и времето сè уште не се зрели, ние ги поддржуваме сите напори кои се погодни за мир и сме подготвени да продолжиме да играме конструктивна улога во прекините на огнот, завршувањето на војните, продолжувањето на мировните преговори“, изјави Мао Нинг, портпарол на МНР на Кина.

Шефот на украинското МНР изјави дека се подготвени за дијалог кој би донел праведен и траен мир.

„Украина исто така сака да го следи патот на мирот, закрепнувањето и развојот се стратешките приоритети што ги споделуваме. Руската агресија го уништи мирот и го забави развојот. Затоа е неопходно да се стави крај на војната против нашата земја и да се забрза закрепнувањето на Украина“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Од Кремљ велат се отворени за преговори, а деталите мора да бидат појаснети. На фронтот продолжуваат жестоки битки.

„Знаете дека руската страна никогаш не одбила да преговара и секогаш ја задржала својата отвореност за преговарачкиот процес, но тука се важни деталите што не ги знаеме, па веројатно ќе почекаме за некои дополнителни појаснувања“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Кина не учествуваше на мировната конференција за Украина, одржана во јуни во Швајцарија, бидејќи, како што тогаш беше соопштено од Пекинг, смета дека двете страни треба да учествуваат во преговорите.

 

Маријана Димовска