Годишниот извештај покажува подобрување на состојбата во слободата на медиумите и безбедноста на новинарите
Македонија бележи скок во сите индекси за безбедност на новинарите и медиумските работници. Тоа го покажува годишниот извештај за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите што со поддршка на Европската комисија го спроведе Здружението на новинари на Македонија...

Според годишниот извештај кој е резултат на целогодишна истражувачка работа на ЗНМ со уште 7 регионални организации и новинарски здруженија, безбедноста на македонските новинари лани била подобрена споредено со 2022-та. Македонија најдобро котира помеѓу сите земји од Западен Балкан, а според индексот на Репортери без граници се наоѓа на 36-тата позиција во Европа, што е за две места повисоко од лани.
„Со измените на Кривичниот законик кои што се случија, кривичните дела кон новинарите добија нов квалификуван облик кои што би требало да послужат за обесхрабрување и одвраќање од потенцијалните идни напади и закани кон новинарите и медиумските работници“, изјави Милан Спировски, Здружение на новинарите на Македонија.
Слободата на новинарите и медиумските професионалци зависи од фактичката слобода на терен, а предуслов за тоа е тие да бидат безбедни. Поради тоа значајна е добрата соработка со МВР и Основното јавно обвинителство.
„Секогаш има простор за подобрување, така и ние како Здружение се трудиме да ги унапредиме тие комуникации со цел да ја зголемиме ефикасноста и ефективноста како и за случаите кои што се во тековната година и да добијат осудителна пресуда напаѓачите“, изјави Милан Спировски-Здружение на новинарите на Македонија.
Иако бројот на вербални и физички закани генерално се намалува споредено со изминатите 10 години, загрижува фактот што новинарите се предмет на закани и малтретирања во онлајн просторот поради што треба поажурно да се преземаат мерки и да се гонат сторителите.
Сашо Нелоски
