ФЗОМ ќе утврдува дали ќе се прошири позитивната листа на лекови
Фондот за здравство сè уште анализира дали ќе се зголеми листата на позитивни лекови. Со ребалансот на буџетот, ФЗОМ добиле повеќе средства, но се прават приоритети, бидејќи секојдневно добивале информации за блокирани сметки на болниците …

Сè уште е неизвесно проширувањето на позитивната листа со нови современи лекови. Фондот за здравство го анализира буџетот, за десетина дена ќе се знае дали ќе има пари за девет нови лекови, за крвен притисок, антидепресиви и за деменција со ребалансот на буџетот, ФЗОМ добиле повеќе средства, но се прават приоритети, бидејќи секојдневно добиваат информации за блокирани сметки на болниците и потрошен условен буџет на клиниките. Пари за плати во ФЗОМ не биле предвидени ниту за цела година .
„Уверен сум дека со домаќинско работење ќе најдеме начин да ги покриеме сите потреби што се до крајот на годината, за да можеме во 2025 година да размислуваме развојно. Следното проширување на позитивната листа да не биде мало дотерување на листата, туку да биде посуштинско, да има содржинска промена“, изјави Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.
Современи поефикасни лекови пациентите купуваат приватно, иако плаќаат здравствено осигурување. Неколку министри досега најавуваа обновување на позитивна листа, но досега тоа не се случи. Не е променета повеќе од една деценија, а на неа има лекови кои одамна се исфрлени од употреба во многу земји.
Андријана Ѓурческа
