Париз

Олимпијадата го обединува светот

24.07.2024 16:45

Над 15 милиони туристи ќе се слеат во Париз за време на Олимписките игри што ќе бидат отворени в петок. Фасцинантна бројка ако се знае дека француската престолнина брои над 12 милиони жители. На настанот број еден на планетава што ќе трае до 11 август, за безбедноста ќе се грижат над 30 илјади полицајци и околу пет илјади војници. Во време на урнат рејтинг на движењето на францускиот претседател, олимпијадата е предуслов за политичка промоција. Значи не е само важно да се учествува, туку и да се победува.

Половина милион Британци се упатија кон Париз. Познатата англиска еуфорија, и не само таа, ќе биде контролирана од француските безбедносни служби помогнати со колегите од Кралството и од земјите на Европската Унија. Современите безбедносни методи го отежнуваат бизнисот.

„Само сакав да се одам да заменам пари во продавница, но не можам. Сега ќе одам подалеку, отпат ми е, сепак го сакам Париз“, изјави Англичанка.

„Нема бизнис, нема туристи, се оди надолу“, изјави Омер Бенабдалах-келнер.

„Имаме тимови за деминирање и тимови со кучиња. Има систем против дронови, радари и нуркачи кои патролираат и на дното на Сена“, рече Лионел Сатар-надлежен генерал.

„Има многу туристи кои не зборуваат француски и малку зборуваат англиски, ние сме тука за нив. Заедно сме со луѓето, се сликаме, гледаме дали се безбедни и ги упатуваме каде што треба“, изјави Попи Голдман-полицаец на Фертфордшајр-Англија.

Речиси пет илјади француски војници, кои се вратија од мисиите во мали и во Авганистан, со поддршка на систем против дронови се ангажирани во сеопфатната безбедносна заштита.

„Мораме да внимаваме. Затоа се системите за откривање, за блокирање, за пресретнување и системите земја – воздух“, изјави Габриел Атал премиер на Франција.

Политиката е неизбежна и се одразува во услови на две војни во Израел и во Украина. Макрон ги повика израелските атлети да учествуваат и покрај бојкотот од палестинските олимпијци. Москва протестира за ограничувањето акредитации за своите новинари.

„Израелските атлети се добредојдени. Франција ќе се грижи за безбедноста, ги осудувам заканите против нив. Тоа нема да го дозволиме“, изјави Емануел Макрон-претседател на Франција.

„Тоа е вистинска параноја. Како не им дозволуваат да известуваат кога илјадници други немаат проблем“, изјави Марија Захарова-портпарол на Министерството за надворешни работи на Русија.

Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш во олимписки дух повика на мир, да се остави оружјето, да се градат мостови на солидарноста.

 

Зоран Богатинов