Нетанјаху пред Конгресот на САД, протести пред Капитол
Израелскиот премиер се обрати пред Конгресот на САД и побара безбедносен сојуз на Блискиот Исток. Го пофали американско-израелското единство и поддршката од претседателот Џо Бајден. Според Хамас, говорот на Нетанјаху покажува дека тој не сака примирје. Илјадници демонстранти излегоа пред Капитол и други сојузни држави против војната.

САД и Израел мора да бидат обединети, истакна израелскиот премиер во обраќањето пред Конгресот. Во говорот, Нетанјаху зборуваше за потребата да се создаде безбедносен сојуз на Блискиот Исток со кој би се спротивставиле на заканите од Иран. Го пофали американско-израелското единство и поддршката од претседателот Џо Бајден.
„Оние кои ќе го нападнат Израел ќе платат многу висока цена. Брзата американска воена помош може драматично да го забрза крајот на војната во Газа и да помогне да се спречи поширок конфликт на Блискиот Исток. Израел ќе се бори додека не ги уништиме воените капацитети на Хамас и неговото владеење во Газа и не ги вратиме сите наши заложници дома“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Обраќањето на Нетанјаху го бојкотираа неколкумина демократи. Илјадници луѓе излегоа на протест пред Капитол и низ други градови на САД со осуда за војната во Газа и хуманитарната криза. Во Вашингтон беа отстранети американски знамиња, а на нивно место поставени знамиња на Палестина. Уапсени се неколку лица.
„Ова е срамота. Искрено, ова е шлаканица не само за арапско-американската заедница во Америка, туку и за сите луѓе. Не треба да ги даваме нашите пари на друга странска влада за да бомбардира невини луѓе“, рече демонстрант.
„Нетанјаху е воен злосторник и да биде во затвор. Можеше да донесе мир одамна, но тој сака војната да продолжи. Тој сака да го продолжи етничкото чистење во Палестина“, рече демонстрант.
За Хамас, говорот на Нетанјаху покажува дека тој не сака примирје во Газа. Стејт департментот претходно соопшти дека државниот секретар Блинкен разговарал со катарските власти за премостување на разликите во договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
„Важно е што постигнавме рамковен договор. И двете страни, Израел и Хамас, се согласија на рамката што претседателот ја истакна пред околу 6 или 7 недели. САД го гледаат договорот кој е клучен за враќање на заложниците дома и за ублажување на страдањата на палестинскиот народ. Подготвени сме да работиме, договорот да се претвори во крај на војната и траен мир и стабилност за регионот“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Нетанјаху ќе се сретне со Бајден, а се очекува состанок и со потпретседателката Харис. На Флорида предвидена е средба и со поранешниот претседател Доналд Трамп. Во меѓувреме, Израелските сили пронајдоа тела на уште пет жртви во нападот на Хамас на 7-ми октомври.
Маријана Димовска
