Инженер од Македонија киднапиран во Либија

06.07.2014 11:16

Станува збор за Македонецот Емилио Гафури, Италијанецот Марко Валиса и Босанецот Петар Матиќ, вработени во фирмата „Пјачентини Конструциони“ од Модена...

Тројца инженери од Македонија, Босна и Херцеговина и Италија, што работеле за италијанска градежна компанија, најверојатно се киднапирани Либија, објави италијанската агенција АНСА. Автомобилот на тројцата инженери е пронајден кај градот Зувара, западно од Триполи.
 
Тие се исчезнати и веруваме дека се киднапирани, изјави претставник на либиските власти.
 
Тројцата инженери работеле за италијанска градежна компанија. Италијанската агенција АНСА јави дека колегите последен пат ги виделе инженерите околу седум часот изутрина, по локално време.
 
Станува збор за Македонецот Емилио Гафури, Италијанецот Марко Валиса и Босанецот Петар Матиќ, вработени во фирмата „Пјачентини Конструциони“ од Модена.
 
Во Либија e во пораст киднапирањето на дипломати, странци, но и Либијци, бидејќи властите не се во состојба да ги контролираат милициите кои помогнаа во симнувањето од власт на Моамер Гадафи во 2011 година.
 
Италијанското Министерство за надворешни работи го потврди исчезнувањето на нивниот државјанин, истакнувајќи дека се во контакт со неговото семејство.
 
Двајца италијански инженери беа киднапирани близу Дерна во јануари, а ослободени после три недели. Сеуште нема информации за уште еден италијански државјанин, кој беше киднапиран во март.