На Палевски ќе му се суди заедно со другите обвинети, ОЈО ќе бара одложување на почетокот на судењето
Ќе се спојуваат судските постапки против вкупно петмина обвинети за случајот на двократното убиство на малата Вања и пензионерот Панче. Јавниот обвинител увидел дека за ваквото барање постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Одбраната е задоволна од можноста за увид и сите обвинети да ја почнат постапката заедно...

Заврши истрагата за првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо за грабнувањето и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Од Обвинителството информираат дека тече законскиот рок во кој одбраната може да изврши увид во доказите. Адвокатот на Палевски, Витановски за МТВ потврди дека бил известен и дека е добро што му се овозможува увид и тоа за првпат.
Од Обвинителството појаснуваат зошто се бара спојувањето.
„Со цел да се овозможи единственост на постапката, Обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети.“, информираат од Обвинителство.
Добро е вели Витановски што во исто време ќе почне и постапката за сите обвинети.
Истражната постапка е завршена и за уште едно лице осомничено за помагање во извршување на кривичното дело. Против него ќе се води одвоено, тврдат од Обвинителството.
Фиљана Кока
