По Скопје, компјутерска томографија на срце и во штипската Клиничка болница
Еден лекар веќе е обучен за работа, а четворица се испратени на специјализација...

Штип ќе биде вториот град во државата каде што ќе се врши компјутерска томографија на срце, софистицирана постапка која ја подобрува прецизноста при дијагностицирање на болести на срце.
„Ова ќе ни помогне во борбата со една од најслабите точки на модерните западни општества, а тоа е зголемениот морталитет и морбидетет од кардиоваскуларни заболувања, а тоа се церебралните инсулти и миокардни инфаркти“, изјави д-р Александар Стојанов, директор на на Клиничка болница – Штип.
За почеток, прегледите и интервенциите ќе ги врши реномиран радиолог од Институтот за кардио-васкуларни болести „Дедиње“ од Белград.
„Oвде има опрема, која ги задоволува сите критериуми за современо лекување и напреден медицински ангажман, така да би било навистина штета тоа да не се искористи. За оваа опрема е вложено многу пари од државниот буџет и сите оние кои вложиле би биле задоволни ако тие средства бидат правило искористени“, изјави д-р Желимир Антониќ, радиолог.
Ова значи подобрување на здравствените услуги, што најмногу им значи на пациентите.
„За народот ова е многу добро. Нема да одиме за Скопје. Со ова се докажува дека здарвство оди се понапред и понапред“, изјавија анкетираните пациенти.
Во моментов, штипската болница има еден обучен лекар за работа со компјутерот, а уште четворица се на специјализација.
За една година, во источниот дел на државата умираат околу 2.000 жители, а кај 68 % причина за смрт е проблем со кардиоваскуларниот систем. Новата услуга во штипската Клиника болница ќе значи и намалување на смртноста од проблеми со срцето и крвните садови.
Оливера Жежова
