Парижаните си заминуваат поради Олимпијадата, прометот во Париз паднат за 15 насто
Ова е најлошото време за бизнисот во Париз, парижаните си заминуваат поради Олимпијадата, во исто време странските туристи не се пристигнати. Хотелиерите и сопствениците на рестораните велат дека прометот е паднат за 15 насто. Причината можеби лежи и во астрономското покачување на цените на производите и на услугите за време на игрите.

Француското лепче, вкусниот багет ја очекува клиентелата. И покрај најавените 15 милиони странски туристи за време на игрите, во Париз се чувствува економската празнина создадена од парижаните заминати на одмор, но и во внатрешноста поради високите цени за време на игрите.
„Многу е мирно веќе 15, 20 дена. Туристите сè уште не се пристигнати, се надеваме барем во наредната недела ќе надојдат, но засега сме далеку од тоа“, вели Пјер, пекар во Париз.
„Зависиме и од соседните бизниси и од луѓето кои набавуваат храна од нас. Летово, бизнисот опадна порано од вообичаеното. Ова досега не сме го виделе во претходните лета“, вели Камила, пекарка во Париз.
Хотелските соби во временскиот вакуум пред игрите за 20 насто се попразни од лани, се жалат хотелиерите. Можеби на состојбата и кумуваат и високите цени кои достигнуваа и до илјада евра од ноќ, по паднатата побарувачка беа снижени на реалните 300.
„Ова е период на Олимписките игри и гледајте, белите места се собите кои се празни. Сега сме на 60 насто искористеност, за време на истиот период 79 насто од собите беа зафатени. Тогаш немаше никаков голем настан кај нас“, рече Хаким Алуш, директор на хотел во Париз.
И сопствениците на бистроата и на рестораните бележат загуби, дури и ја споредуваат состојбата со онаа за време на пандемијата.
„Ова е ненормално мирно за нас. Ова е најлошиот период од годинава. Сега сме на нивото какво што беше за време на коронавирусот. Ако продолжи, ќе затворам и ќе одам на одмор, како и персоналот за да ги намалиме трошоците. Сега работиме со загуби. Ова е деликатен период за нас, така е со секој ресторан во Париз“, рече Спирос Папахристо, сопственик на ресторан во Париз.
Планетарните игри секако утревечер ќе почнат. Побрзо, повисоко, посилно, мотото на олимпијците, ќе засветли на бреговите на реката Сена каде што првпат наместо на стадион е дефилето на учесниците.
Зоран Богатинов
