Активен пожарот во Општина Македонски Брод
Под контрола е состојбата со пожарите во земјава – велат од ЦУК. И кај Јасен е спречено ширење на пламените јазици. Сè уште има активно жариште на терен. Најголем дел се предизвикани од човечки фактор. Во борбата со огнената стихија не само што се потребни длабоки реформи на Системот за управување со кризи, недостигаат и кадар и опрема – велат надлежните.

Сè уште гори кај селото Тажево, општина Македонски Брод. Нема опасност по резерватот Јасен. На терен се 40 припадници на армијата и 30 специјалци од МВР и пожарникари кои ја контролираат состојбата за да не се прошири огнот. Бидејќи еден крак може да го загрози резерватот Јасен, дел од армиските припадници се вклучени во неговото гаснење. Од ЦУК велат дека во последното деноноќие имало 18 пожари на отворен простор, пет се под контрола и 12 се изгаснати. Штетите од пожарите кои речиси еден месец гореа низ државава дополнително ќе се проценуваат. Оние пак, што директно беа вклучени во борбата со огнената стихија велат дека недостигаат опрема и кадар.
Управувачкиот комитет за справување со кризи ја утврдуваше состојбата за досегашното справување со пожарите низ земјава и донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем, односно центарот за управување со кризи и дирекцијата за заштита и спасување со законски измени да се интегрираат под една команда. Директорот на ЦУК, Ангелов, нагласи дека на Системот за управување со кризи му е неопходна длабока реформа.
Реагираат од Здружението за заштита при работа. Апелираат државата да донесе стратегија, а не препораки и привремени мерки. Сметаат дека климатските промени одат во насока вакви пожари да се случуваат секое лето, а не треба да оставаме да се случи тоа, па да се реагира.
Ана Јосифоска-Тодоровска
