Сортните Алпина кози достапни и за македонските фармери

06.07.2014 13:49

Особено барани на европските пазари се сортните кози од типот Алпина кои во вид на расплоден материјал пристигнаа во нашата држава и ќе им бидат достапни на фармерите кои сакаат да одгледуваат кози...

Козјите производи се едни од најбараните во Европската унија, а Македонија има слободен извоз на овие продукти. Особено барани на европските пазари се сортните кози од типот Алпина кои во вид на расплоден материјал пристигнаа во нашата држава и ќе им бидат достапни на фармерите кои сакаат да одгледуваат кози.

„Идејата е да се направи поголем нуклеус, да се поделат на неколку и потоа фармерите да може со враќање да се снабдуваат со расплоден материјал. Тоа ќе функционира на принципот што ќе дадеме дест кози и после извесно време сточарот ќе треба да ги врати тие кози“, изјави Марјан Гиевски од Здружението на земјоделски производители.

Расните кози се наоѓаат во куманоското село Градиште, а нивната вредност е над 6.000 евра, и е донација на Германската амбасада во Македонија.

„Овие кози се почетен расплоден материјал од кој во следниве две години ќе се обезбедат кози и за останати сточари од регионот, изјави заменик амбасадорот на Германија во Македонија, Ханс Хелге Сандер.

Една коза од домашните сорти, во просек дава по 410 литри млеко годишно и 2-3 јариња. За разлика од нив, Алпина расата во една лактација, која трае 280 денови, дава од 500 до 800 литри.

Во источна Македонија има 18.500 грла кози. Во одгледувањето на расата алпина ќе бидат вклучени сточари од Куманово, Штип и Свети Николе.

 

Габриела Димковиќ