Реформи на побрз проток на граничните премини
Македонија и Србија со заедничка кампања за побезбеден сообраќај. Кампањата на граничниот премин Табановце ја промовираа министрите Тошковски и Дачиќ. Тие истакнаа дека соработката ќе продолжи на сите полиња со цел побрз проток на патници и транспортерите. Најавија модернизација на премините и справување со криминалот...

Модернизација и инвестиции во граничните премини и овозможување побрз проток на патници, најави првиот човек на македонската полиција, кој заедно со неговиот колега од Србија, на Табановце, ја промовираа кампањата „Вози одморен“, која има за цел да го намали бројот на сообраќајни незгоди, предизвикани од замор. Осврнувајќи се на системот со едно застанување кој веќе функционира, информираа дека ќе бараат решение дополнително да се намалат колоните возила. Најавија зајакната соработка, борба против криминал, илегалната миграција.
„Реформа, реорганизација, дигитализација, во овој дел секако дека ќе претставува еден од приоритетите на МВР. Апсолутно е дека ќе сториме сè коешто е во наша надлежност и во наша моќ да можеме да ги осовремениме граничните премини“, истакна министерот Тошковски.
„Целта на сите овие активности на граничната полиција е што повеќе да им олесниме на граѓаните при преминот на државната граница. Имајќи предвид дека коридорот 10 е еден од главните правци во туристичката сезона. Според нашата статистика во Србија во летните месеци секој ден во просек има по две жртви во сообраќајни несреќи“, посочи Дачиќ.
На преминот на македонско-српската граница се чекаше до 15-ина минути. Граѓаните кои се упатуваа на одмор трпеливо чекаа во колоните.
Во летниот период кога е и најголем метежот од МВР информираат дека се ангажирани сите капацитети и кадри. Поголеми задржувања нема освен неопходните контроли.
Долги колони возила иако на граничниот премин Табановце функционираат сите ленти, четири за патнички возила, една за автобуси и две за транспортерите.
Елена Георгиевска
