Гешковска: Протестите се напад на судството

06.07.2014 16:25

Јавна тајна е и дека имам обезбедување. Но и без тоа се чувствувам безбедно, вели јавната обвинителка Гордана Гешковска...

Секој има право на протест, но вакво насилство не може да се одобри. Целта е преку ваков притисок осудените да не одговараат кривично, вели за „Дојче веле“ јавната обвинителка, Гордана Гешковска, по насилните демонстрации пред Основниот суд во петокот.
 
Како обвинител за организиран криминал, Гешковска го водеше случајот „Монструм“ и предизвика негативни реакции кај дел од јавноста поради завршните зборови во кои побара максимални казни за обвинетите поради убиство со терористички мотиви. Гешковска вели дека протестите претставуваат напад на судството.
 
„Дефинитивно, ова е напад на судот како независна институција. Никој нема право да ги коментира судските одлуки, а не, пак, вака да се однесува. Ова е пресуда на првостепен суд. Осудените имаат право на жалба и на постапка пред повисоките судови. Тоа се чекорите што можат да се преземат. Преку насилство ништо не се решава“, коментира таа за „Дојче веле“.
 
По заканите кои ги упатија демонстрантите на нејзина адреса, таа вели дека сепак се чувствува безбедно.
 
„Не се плашам. Јавна тајна е и дека имам обезбедување. Но и без тоа се чувствувам безбедно. Работам според законот и немаше да се занимавам со оваа работа ако се плашев“,  вели обвинителката.