Жестока расправа за ребалансот на буџетот
Жестока комисиска расправа за прекројувањето на државната каса. Ќе се покријат законските обврски за кои не биле предвидени средства-уверува министерката. Ќе добиеме чудовиште од јавен долг – вели опозицијата ...

Предложениот ребаланс на буџетот е оптималното решение за затекнатата состојба, ги сервисира обврските кон граѓаните и фирмите предвидени со закон, а за кои претходната власт не обезбедила пари. Има средства за плати, пензии, социјална поддршка. Ова е ставот на министерката за финансии за прекројувањето на државната каса.
Кочовска вели – парите се обезбедени со пренамена од проекти кои потфрлиле во динамиката на реализација и останале неискористени. Опозицијата критикува дека ребалансот не одговара на потребите на економијата.
Фискалниот совет даде зелено светло за ребалансот, но изразија загриженост за проектираните расходи. Бишев смета дека растот од 2,1% се должи на домашната потрошувачка, а во иднина треба да се води сметка за зголемување на нето извозот.
На ребалансот се поднесени 58 амандмани од кои 15 на СДСМ. Со пренамена на пари од државната каса се обезбедуваат 300 милиони евра, кои освен за плати и пензии ќе се потрошат и за поддршка на општините и новите министерства.
Анита Димитријевска-Велковска
