Собрание

Втор ден расправа за Ребалансот на буџетот

26.07.2024 08:25

Расправата за ребалансот на буџетот треба да продолжи денеска во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет откако вчера на првиот ден од расправата се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска...

Расправата за ребалансот на буџетот треба да продолжи денеска во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет откако вчера на првиот ден од расправата се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во своето експозе, министерката за финансии посочи дека ребалансот е скроен согласно затекнатите состојби во Буџетот и дека се обезбедени средства за се она што треба да се исплати согласно закон.

За пратениците од парламентарното мнозинство, ребалансот е за спас на државата затоа што средствата во Буџетот биле планирани само за првите шест месеци од годината и фалат пари за обврски што треба да се исплатат од страна на државата, додека оценката на опозицијата е дека ребалансот е скроен за да ги задоволи коалициските договарања и не се работи за никакво штедење затоа што од Буџетот треба да се исплатат најмалку 12 нови функционери од четирите нови министерства.

Забелешки на ребалансот на буџетот имаат и од Судскиот буџетски совет и од државното Јавно обвинителство чии претставници вчера укажаа дека не смее да има кратење на средствата наменети за судската власт и за обвинителството, бидејќи, како што посочија, тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.

Општата расправа за Ребалансот на буџетот трае најмногу три дена, а амандманската расправа, за која се поднесени 58 амандмани, шест дена.

Вкупните приходи во Ребалансот на буџетот се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.