Послесно до вработување за корисниците на социјална помош
Објавен е јавниот повик до невработените лица корисници на социјална парична помош и до работодавачите за субвенционирано вработување на приматели на социјална помош...

Невработените корисници на социјална помош ќе можат да аплицираат за полесно да дојдат до работно место. Државата месечно за оваа мерка ќе одвои 17 илјади денари. Работодавецот не треба да го има намалено бројот на работници од денот на објавување, па се до денот на поднесување на апликацијата.
„Единствен услов за овие невработени лица е да бидат корисници на социјална парична помош како и да бидат евидентирани само еден ден пред објавување на јавниот оглас во евиденција во Агенцијата како лица кои што активно бараат работа“, изјави Слободанка Алексовска од Центар за вработување на град Скопје .
„Работодавачот нема да смее на вработените да им исплата плати пониски од добиената субвенција во период од 6 месеци и има обврска да ги задржи сите учесници во програмата дополнителни 6 месеци“, нагласува министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Сеуште е активен и огласот за мерката обука кај познат работодавач. Социјално загрозените може да дојдат до работа и да стекнат нови знаења и вештини , а компаниите да добијат квалитетен кадар . Обуката трае 3 месеци , а лицата ќе добиваат месечен надоместок од 5700 денари .преку овие две програми досега се вработиле околу 6.500 лица.
„Оваа мерка во минатото се покажа како доста квалитетна мерка бидејќи го премостуваме јазот меѓу образованието, вештините и потребите на работодавачите за новите технологии за работа. Досега повеќе компании преку оваа мерка обезбедија квалитетна работна сила“, вели директорот на Агенцијата за вработување, Владимир Поповски.
Со оваа мерка ќе се опфатат 1.000 невработени лица, а за оваа намена државата ќе издвои околу 22 милиони денари. Преку активните мерки досега се вработиле 34.000 граѓани.
Викторија Тодоровска
