Здравство

Најмладиот анестезиолог во кумановската болница има 60 години

26.07.2024 09:00

Кумановската болница се соочува со недостиг на кадар. Најмладиот анестезиолог има 60 години. Установата која го опслужува североистокот работи со двајца ортопеди, тројца рендгенолози...

Двајца ортопеди, тројца рендгенолози, а најмладиот анестезиолог има 60 години, е состојбата со персоналот во кумановската болница, која го опслужува североистокот со околу 200.000 пациенти но и се наоѓа на крстосница помеѓу два коридори.

Новоназначениот директор Трајановски стравува дека може да се јави недостиг на анестезиолози. Службата вели е клучна не само за функционирање на хируршкото одделение, туку и за реанимација. Негова цел ќе биде вложување токму во здравствен кадар, нова опрема, но и прераспределување на простор за поголема достапност на пациентите.

„Мојата цел ќе биде подобрување во однос на организациската поставеност и нарушувањето во однос на кадровскиот потенцијал и просторниот потенцијал, да ги средам и ставам во функција на поквалитетна здравствена услуга. Она што значи доградување и проширување е потребна помош од централната власт“, изјави Трајановски.

Плановите се да се донесе магнетна резонанца и друга опрема. Трајановски ќе продолжи да работи и како ортопед, бидејќи со двајца лекари болница нема да може да функционира. За тоа веќе поднел барање до министерството. Кумановската болница обезбедува секундарна заштита за жителите на Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце.

 

Елена Георгиевска