Украина

Жестока дебата во ООН за кинескиот предлог за мир во Украина

26.07.2024 09:54

Откако Кина понуди да одигра улога во патот кон мир во Украина, од кабинетот на Зеленски претпазливи, велат, сè што ќе се потпише со Русија е билет за продолжување на војната. Жестока дебата и во Обединетите нации. Организацијата алармира за постојаниот дотур на оружје кај двете страни. Војната во Украина и влијанието во светот, тема и на Состанокот на министрите за надворешни работи на Југоисточна Азија...

Се зголемува притисокот за решавање на руско-украинската војна. Се бара прекин на повеќе од двегодишните борби. Откако Кина понуди да одигра конструктивна улога во решавањето на конфликтот, од кабинетот на Зеленски претпазливи.

„Ако сакате да потпишете договор со ѓаволот, кој потоа ќе ве одвлече во пеколот – повелете. Се што ќе потпишете денес со Русија е билет за продолжување на војната во различни размери, со други инволвирани страни, со различен број жртви. Сакам политичките елити да го сфатат тоа“, изјави Михаило Подољак, советник на претседателот на Украина.

САД, Кина и Русија со меѓусебни критики за предлогот на Пекинг за мировни разговори. Жестока дебата во ООН за постојаниот дотур на оружје.

„Има извештаи за држави кои префрлаат или планираат да пренесат оружје на Русија и истото е користено во Украина“, изјави Адедеџи Ебо, директор на Канцеларијата на Обединетите нации за прашања за разоружување.

„На Украина сигурно нема да и биде понудено ништо подобро во овој момент. И апсолутно нема шанси да добие пауза на бојното поле во форма на прелиминарен прекин на огнот“, изјави Василиј Небензија, амбасадор на Русија во ООН.

„Кинеското таканаречено партнерство без ограничувања само ја поддржува руската одбранбена индустрија“, изјави Роберт А. Вуд, заменик-амбасадор на САД во ООН.

„Кина не е креатор на украинската криза, а уште помалку на нејзина страна. Цело време инсистиравме на промовирање мир и преговори и на притисок за политичко решение за кое меѓународната заедница е сведок“, изјави Фу Конг, постојан претставник на Кина во ООН.

Војната во Украина и влијанието во светот, тема и на Состанокот на министрите за надворешни работи на Југоисточна Азија.

„Свесен сум дека руската агресија врз Украина може да изгледа далеку од АСЕАН, но нејзините последици, било да се инфлацијата или зголемувањето на цените на храната и нафтата, се чувствуваат насекаде, дури и ако Русија напорно работи на ширење дезинформации“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

На фронтот продолжуваат битките. Руски беспилотни летала погодиле енергетски капацитети во регионите Житомир и Чернихив. Воздушна тревога на Крим откако по експлозии избувна пожар на аеродромот „Саки“.

 

Маријана Димовска