Киднапирањата во Либија секојдневие: Сеуште нема трага од киднапираните инженери

06.07.2014 17:02

Македонецот Емилио Гафури, босанецот Петар Матиќ и италијанецот Марко Валиса работеле за италијанската фирма „Пјачентини конструкциони“ од Модена која работи на реконструкција на пристаништето во Зувара, зделка вредна 37 милиони евра...

Продолжува бранот киднапирања во Либија. Тројца инженери кои работеле за италијанска градежна фирма исчезнале, а нивниот автомобил е пронајден празен во близина на градот Зувара, западно од Триполи. Се верува дека се киднапирани од непознати грабнувачи.

Македонецот Емилио Гафури, босанецот Петар Матиќ и италијанецот Марко Валиса работеле за италијанската фирма „Пјачентини конструкциони“ од Модена која работи на реконструкција на пристаништето во Зувара, зделка вредна 37 милиони евра.

„Постојано сме во контакт со итните служби и со нашето министерство за надворешни работи. За сега семејството не сака да дава никакви изјави или коментари“, вели Марко Брикони – градоначалник на Кадео.

„Се молиме за него и за неговата безбедност. Блиски сме со неговото семејство и следниот вторник ќе организираме милитвено бдеење“, рече Умберто Чуло – пастор во црква во Кадео.

Обидите да се открие што се случило со нив се уште не даваат резултати.

Италијанското министерство за надворешни работи го потврди исчезнувањето на нивниот инженер, а од нашето Министерство  проверуваат дали еден од киднапираните е македонски државјанин. Тие се во постојан контакт со дипломатските претставништва во Рим, во Анкара и во Каиро за да добијат повеќе информации за инженерот.

Наши работници кои престојувале во Либија велат дека во времето на Гадафи никој не размислувал за својата безбедност. По неговиот пад речиси секојдневно се киднапираат судии, новинари, Либијци и странци и најчесто за нив се бара откуп.

Во јануари беа киднапирани двајца италијански инженери во близина на Дерна и ослободени после три недели. За италијанскиот  државјанин киднапиран во март се уште нема никакви информации.

 

Тања Сарандеска