Трет ден протести

Кратки протсти во Скопје, во Тетово демонстрантите се судрија со полицијата

06.07.2014 17:12

За разлика од Скопје, демонстатните се судрија со полицијата во Тетово откако ја каменуваа полицијата и сакаа насила да го пробијат полицскиот кордон. Полицијата со шок бомби ги растера агресивните демонстранти...

Протестите кои трет ден беа организирани по социјалните мрежи поминаа без инциденти. Во Скопје по пладневната молитва стотина, главно млади луѓе извикуваа пароли и за кратко време се разотидоа. Незадоволни се од пресудата за случајот Монструм но нагласуваат дека се за мирни протести.

„Ние сме за мирни протести не сакаме инциденти, сакаме да го решиме институционално“, вели Бедри Ајдари - брат на еден од обвинетите.

За разлика од Скопје, демонстатните се судрија со полицијата во Тетово откако ја каменуваа полицијата и сакаа насила да го пробијат полицскиот кордон. Полицијата со шок бомби ги растера агресивните демонстранти.

Од протстите во претходните денови, идентификувани се 24 лица, а шестмина веќе заработија притвор.

„МВР во овој момент поседува докази и информации за кривичен прогон на уште две лица кои дополнително треба да бидат изведени пред судот додека за други девет лица врз основа на материјалите утврдена е прекршочна одговорност“, изјави Иво Котевски – помошник министер за односи со јавноста во МВР.

Обвинителката Гордана Гешковска која го водеше случајот Монструм, во изјава за Дојчењ Веле. Вели:

„Ова е напад на судот како независна институција. Никој нема право да ги коментира судските одлуки, а не, пак, вака да се однесува. Ова е пресуда на првостепен суд. Осудените имаат право на жалба и на постапка пред повисоките судови. Тоа се чекорите што можат да се преземат. Преку насилство ништо не се решава“ .

ВМРО –ДПМНЕ реагираше на обвинувањата изнесени во некои албански медиуми кои пресудата во случајот „Монструм“ ја сметаат и прикажуваат како политичка, партиска или донесена под политички притисок.

„ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство никогаш не би си дозволиле  да бараат или да вршат притисок на суд или судија за било што, а најмалку за некои луѓе да бидат осудени на доживотен затвор, а при тоа да се невини или да нема докази дека се виновни. Ниту е тоа работа на ВМРО-ДПМНЕ и владејачките партии, ниту е човечки некому да му се издејствува таква казна за нешто за кое нема докази кои ги цени судот и само судот“ – пишува во соопштението на владејачката партија.

ВМРО- ДПМНЕ констатира дека во Македонија постојат судови и судии чија задача е да ги разледаат доказите на двете страни и да донесат независна праведна и законска одлука.

 

Наташа Гркова-Петрушевска