Обвинителство

Телефонот на врховниот судија Георгиев открил можно ново кривично дело

26.07.2024 14:37

Два мобилни телефона од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видеозапис и две досиеја – за еден поранешен и за еден актуелен кандидат на Академијата, се одземени за време на претресот во оваа институција во рамките на предметот против врховниот судија Наќе Георгиев...

Истрагата против врховниот судија Наќе Георгиев ги насочи истражителите во Академијата за судии и јавни обвинители. Вештачењето на неговиот мобилен телефон го вклучило алармот дека можеби судијата е вмешан и во друго кривично дело. Од Обвинителството велат – побарале дозвола од судија на претходна постапка за одземање на два телефона од вработен во Академијата, како и видео запис и досиеја од кандидати.

Од Академијата за МТВ потврдуваат дека вработените соработувале со истражителите и им ги обезбедиле податоците коишто од нив биле побарани.

Премиерот Мицкоски очекува надлежните целосно да го истражат случајот.

Георгиев беше уапсен под сомнение за примање мито од 10.000 евра за да намести случај во корист на обвинет. Издржува мерка притвор, а како што изјави неодамна државниот обвинител Коцевски истрагата за него е при крај.

 

Анита Димитријевска – Велковска