Морбили

Епидемија на мали сипаници му се заканува на регионот

26.07.2024 16:21

Во регионот има епидемија на мали сипаници. Во Босна и Херцеговина над седум илјади случаи и двајца починати. И во Србија стотина заразени. Дали ширењето на морбили и се заканува на земјава. Епидемиолозите апелираат невакцинираните да внимаваат кога патуваат во земји со зголемен број вакви случаи...

Морбили и се закануваат на земјава поради нискиот степен на имунизација. Летните одмори претставуваат опасност за пренесување на заразата, лекарите алармираат, невакцинираните да бидат внимателни при патување во земјите каде има голем број заболени и смртни случаи. Регионот се соочува со епидемија на мали сипаници – најтешка е состојбата во Босна и Херцеговина каде се регистрирани 7.000 заболени и двајца починати. Случаи има и во соседна Србија.

„Честата раздвиженост во текот на летните месеци и тоа што нема забрана за движење може да биде причина да имаме импортирани случаи, поради нискиот процент на вакцинација со МРП вакцината со која не се постигнати задоволителните 95 проценти“, изјави: д-р Злате Мехмедовиќ – портпарол на Комисија за заштита од заразни болести.

Годинава во земјава е регистриран само еден случај на морбили во струшко Лабуништа кај шестгодишно дете, но болеста не се прошири бидејќи процентот на имунизација во тој регион е висок .

„Не секогаш важи правилото дека иако се работи за лесно преносливо заразно заболување дека ќе имаме епидемија. Таков беше последниот случај во Лабуништа. Беше утврдено дека голем број од децата таму се вакцинирани и дека сите контакти на детето биле вакцинирани и не регистриравме ниту еден нов случај“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ – портпарол на Комисија за заштита од заразни болести.

Вакцинацијата против морбили е најдобрата заштита, но бројките покажуваат дека државата нема колективен имунитет. Препорачаниот опфат над 95 проценти не е постигнат. Кај родителите сè уште постои страв од оваа вакцина, бидејќи ја поврзуваат со аутизам. Лекарите се категорични дека не влијае врз развојот на детето.

Епидемија со мали сипаници во земјава имаше во 2019 година – тогаш заболеа околу 1.800 луѓе, а четири деца починаа поради компликации предизвикани од морбили.

 

 

Андријана Ѓурческа