За безгрижен одмор барајте писмен договор и фискална сметка од агенцијата
Годинава најголем број Македонци ќе заминат во Грција, како најблиска дестинација, но зголемен е интересот за подалечните атрактивни туристички места...

Почна летната туристичка сезона. Дел од граѓаните веќе заминаа, други кројат планови каде да отидат и колку пари ќе одвојат. Дали преку агенција или во сопствена режија.
Годинава најголем број Македонци ќе заминат во Грција, како најблиска дестинација, но зголемен е интересот за подалечните атрактивни туристички места.
„Многу поевтино доаѓа, а и полуксузно и поатрактивно е да се отиде во Турција или во Египет што и нашите туристи го прават оваа година“, вели Никола Голубов, вработен во туристичка агенција.
Патниците при склучување договори за туристичко патување треба да внимаваат да го склучат во писмена форма, да побараат фискална сметка, да ја проверат важноста на документацијата, на патните исправи, навремено да споредат понуди на повеќе туристички агенции,но и дали туристичката агенција е лиценцирана.
„Доколку не е исполнето од страна на организаторот на патувањето, имаат рок од осум дена да приговараат на одредени неправилности, каде се истапувало од договорот. Секако дека не мора целиот договор да биде рушлив, меѓутоа за тие неправилности тие можат да побараат надомест на штета“, објаснува Маријана Лончар- Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите на Македонија.
Доколку туристичката агенција не одговори навремено на приговорот, патникот може да се обрати до Државниот пазарен инспекторат или да поведе судска постапка со барање за надомест на штета.
Сања Спиридонова